Претпријатието “Скопски Легури“ од денеска почна со планираниот среден ремонт на електроредукционата печка број 4 и погонот агломерација.
"Главната цел на овој ремонт е модернизација на опремата, со што би се зголемил обемот на производство и ефективноста при експлоатацијата. Планираните активности, исто така, ќе помогнат да се намали цената на чинење на легурите и ќе и овозможат на компанијата да произведува конкурентни производи, во услови на голема конкуренција на променливите пазари, како и на економска нестабилност во Европа и светот", вели Денис Корнијенко, генерален директор на фабриката.
За време на ремонтот максимално ќе бидат вклучени вработените од компанијата. Распределбата на персоналот во периодот на ремонтот ќе биде направена врз основа на потребите, водејќи сметка за квалификациите потребни за извршувањето на работата. За извршувањето на ремонтот исто така ќе бидат ангажирани и голем број домашни компании од градежната и машинската индустрија.
Планираното времетраење на ремонтот е 60 дена. Исклучувањето на печката за време на ремонтот нема да влијае на исполнувањето на претходно потпишаните комерцијални договори со потрошувачите на феролегури.
http://www.netpress.com.mk/mk/vest.asp?id=104497&kategorija=2